Историјат
Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ Битола е една од најстарите, најреномираните и најквалитетни средни училишта во Македонија. Долги години образова и воспитува генерации на ученици, кои се подготвени да се справат со предизвиците на новото време, секогаш настојувајќи кај нив да развијат вредности, кои ќе им овозможат да изградат успешна иднина.
Денешната гимназија „Јосип Броз Тито“, започнала да работи во 1892 година и тоа како нижа гимназија. Зградата во која се отвора гимназијата му припаѓала на богатиот битолски бег Сали паша. Во гимназијата се образувале ученици од целиот Битолски вилает, па оние кои не биле од градот, претстојувале во интернат кој бил во склоп на самото училиште.
Турскиот наставен јазик во гимназијата опстанал околу дваесет години, а со Балканските војни и промената на власта во Битола, се променил и јазикот на кој се предава во училиштето. Во 1914 година, оваа гимназија ја посетил и српскиот престолонаследник Александар Караѓорѓевиќ, па подоцна се споменува и променет назив на училиштето „Српска кралска гимназија“. Во целиот меѓувоен период гимназијата работи на српски наставен јазик и таа, заедно со гимназијата во Скопје, биле единствените гимназии од општообразовен тип на територијата на Вардарска Македонија.
Во годините на Првата светска војна, од постојаните бомбардирања на градот Битола од бугарските и германските позиции на Пелистер, била оштетена и зградата на Гимназијата, но во периодот од 1918 до 1921 година таа е обновена и завршен е и третиот кат, со што се добиваат просторни услови за работа на осумгодишната гимназија, која многу брзо се стекнала со углед во Кралството Југославија.
Во текот на Втората светска војна, таа останува значајно училиште и во рамките на Царството Бугарија, во кое се школувале и голем број на млади револуционери и подоцна и борци во Народно-ослободителната војна. Меѓу поранешните ученици на гимназијата кои биле прогласени за народни херои за ослободувањето на Југославија биле:
- Стив Наумов,
- Мирче Ацев,
- Кузман Јосифовски –Питу,
- Страшо Пинџур и
- Елпида Караманди
- Борка Талевски.
По ослободувањето на Македонија, Гимназијата ја продолжила својата дејност и на 6 февруари 1945 година гимназијата започна со редовна настава на македонски јазик, со решение на Народната влада на Демократска Федеративна Македонија. Од следната учебна година 1945/46, покрај гимназиски, биле отворени и паралелки за образование на учители, кои биле неопходни за ширење на образованието на мајчин јазик. Од тие паралелки и ново запишаните ученици, во идната школска година 1946/1947 се отворила учителска школа, која подоцна прераснува во нова гимназија, а учителската школа прераснува во Педагошка академија од учебната 1964/65 година.
Угледот и успесите на Гимназијата се потврдени со бројни награди, признанија и одликувања, меѓу кои ќе ги набележиме следниве: Орден заслуга за народ со златна ѕвезда во 1976 година во поранешна СФРЈ, наградата „Климент Охридски“ во 1976 година, за посебни остварувања во воспитно-образовната дејност од посебно значење во СР Македонија. Во 1975 г. Гимназијата е носител на највисоката општинска награда „4-ти ноември“ по повод 30 години настава на македонски јазик (1945 – 1975). Наградата „4-ти Ноември“ гимназијата повторно ја добива и во 2013 година, со што го потврдува континуитетот во развојот и издигнувањето на наставно-образовниот процес во градот Битола и во Република Македонија.
Исто така таа е добитник и на многу други награди, признанија, пехари и медали кои ги красат витрините на оваа средношколска установа.
Успесите на Гимназијата ги потврдува и фактот дека од оваа Гимназија излегле познати и докажани во својата област личности, меѓу кои можеме да ги издвоиме:
Академици во МАНУ
- Коле Чашуле,
- Владо Камбовски,
- Анте Поповски,
- ПетреМ.Андреевски,
- Ристо Лозановски
- Живко Попов
- Фанула Папазоглу
- Томе Бошевски
- Ѓорги Чупона
- Александар Христов
- Љубен Лапе
- Димче Коцо
- Кирил Миљовски
- Ѓорги Филиповски
- Петар Серафимов
- Михаил Петрушевски
- Георги Константиновски
- Владимир Костов
Градоначалници на Битола
- Др. Тони Коњановски
- Наташа Петровска
- Владимир Талевски
- Златко Вршковски
- Силјан Мицевски
- Дејан Ристевски
- Златко Милошевски
Ректори на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола
- Игор Неделковски
- Божидар Маслинков
- Златко Жоглев
Ректори на унуверзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје
- Томислав Чокревски
Конзули
- Калиопа Кривашија Стилиновиќ
- Миодраг Андријашевиќ
- Силјан Мицевски
Од седумдесетте генерации ученици на Гимназијата, денес многумина станале и успешни инженери, лекари, професори, писатели, уметници, научници …
Традицијата на успешност Гимназијата ја негува и ден денес, така што меѓу позначајните успеси во последниот период може да ги издвоиме:
При сите рангирања што ги изврши Државниот испитен центар, од полагањето на екстерните испити од Државната матура училиштето беше на прво или второ место, од вкупно 95 средни училишта.
Ученици од Гимназијата зедоа учество на Светската олимпијада на математичари каде што постигнаа значајни резултати.
Гимназијата доби и „Зелено знаме“- највисока награда од Министерство за образование и наука за успешно реализирање на Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, во конкуренција на 52 училишта од целата држава.
Училиштето во учебната 2011/12 година, прогласено е за апсолутен спортски шампион, севкупен победник меѓу средните училишта во Општина Битола, од страна на Градоначалникот на Општина Битола.
Оваа година училиштето е добитник и на наградата „Наjуспешен училишен спортски клуб од средните училишта за 2014“ која секоја година ја доделува Владата на Република Македонија.
И денес Гимназијата е расадник на успешни млади луѓе кои цврсто чекорат по своите кариерни патеки и секогаш се навраќаат да се потсетат на деновите поминати во училиштето.