Меѓународна размена
Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, секогаш се стремела да создава услови за своите ученици да ги остваруваат своите идеи, погледи и стемежи, како и можности за нивно напредување во образованието, едукацијата и животот. Токму ваквиот пристап на училиштето, со целосно залагање и ангажирање на администрацијата и на наставниот кадар на гимназијата, создадоа услови во последните десетина години да се создадат услови за успешна, разновидна и плодна меѓународна соработка на нашето учулиште.
Првата меѓународна размена започна со Средното стручно училиште „Жан Мармоз“ од градот Вир, од областа Нормандија, во Република Франција. Идејата за размената произлезе од сoработката на професорите по историја од двете училишта, кои ја развија идејата да ги вклучат во теренските истражувања на Македонскиот фронт од Првата светска војна во околината на Битола и учениците од двете училишта. Во период од беа остварени четири размени со ученици од двете училишта и две посети на професори од Франција во нашето училиште. Во размените беа вклучени по над 80 ученици од двете училишта и повеќе професори од нашата гимназија. Исто така во Франција беа организирани две изложби од теренските активности и истражувања на учениците и наставниците од Вир и Битола, а беа издадени и три публикации, кои беа финански помогнати од Министерството за одбрана на Република Франција и за образование на регионот Нормандија.
По иницијатива на Општината Битола и збратимениот град од областа Лорен во Франција, градот Епинал, беа воспоставени повторно врски со Гимназијата „Клод Желе“. Во период од четири години беа организирани три размени на ученици со оваа гимназија, а од нашето училиште во секоја размена учествуваа по 20 уценици, како и предметните професори Нада Димитрова, Гергана Гелевска, Елена Трпезановска и Иљо Трајковски. Со овие размени, со голем успех беа претставени нашиот град, неговата историја, традиција и култура, а тоа допринесе и за јакнење на добрите врски меѓу двата збратимени градови, Битола и Епинал. Размената беше поддржана од двата града и од градоначалниците на Eпинал и Битола. Нашите ученици имаа извонредна множност да ги посетат и градовите Нанси, Стразбург и Безансон, да се запознаат со гогатото минато на овој дел од Франција. Беа посетени и археолошки локалитети од римскиот период, а за учениците од посебен интерес беше посетата на родното место и куќата на средновековната хероина на Франција, Јованка Орлеанка. Како училиште се надеваме и би сакале оваа плодна размена на ученици да продолжи и понатаму.
По подолга соработка меѓу професорите по историја од нашето училиште и од Колеџот „Свети Михаил“ од градот Фрибург, Швајцарија, во 2013 година беше договорена и размена на ученици помеѓу двете училишта. Целта на оваа размена беше да се претстави секојдневниот живот, културата, историјата и традицијата на двете земји, на двата градови, но и да се стибулира учењето на вториот странски јазик кај нашите ученици, затоа што кантонот Фрибург е билингвален кантон во Швајцарија, каде паралелно се употребуваат и францускиот и германскиот јазик. Исто така беа организирани и дебати на актуелни теми, како што беше во тоа време бегалската криза и местото на Македонија на таа бегалска рута, европските интеграции и заедничките европски вредности. Во периодот од 2013 до 2016 година беа организирани три размени, а околу 50 наши ученици беа дел од овие размени. За среќа оваа меѓународна размена продолжува и понатаму, па веќе е договорена размената за следната учебна 2021/2022 година, а со тоа треба да се стимулираат нашите ученици да покажуваат добри резултати и да бидат дел од една ваква размена.
Како дел на училишната размнена со Колеџот „Свети Михаил“ од градот Фрибург, Швајцарија, во 2014 и 2015 година беше организирана и изведена трилатерална размена, во која беше вклучена и гимназијата Беит Хинух од градот Ерусалим во Израел. Целта на оваа тројна размена беше да се овозможи на учениците од трите градови и земји да се сретнат со нова култура, религија и традиција, а исто така да ја претстават и својата. При посетата на секое училиште и секоја земја, беа претставени образовните системи, економијата, културата и историјата на секоја земја, а исто така беше ставен и акцент на она што ги поврзува младите луѓе. Оваа тројна размена, како и размената со Колеџот „Свети Михаил“ од градот Фрибург, Швајцарија, беше организирана од професорите Ленче Искова, по германски јазик и Иљо Трајковски по историја. Во оваа тројна размена беа вклучени 15 наши ученици.
Во 2016 година, повторно по иницијатива на активот по историја и на билингвалната паралелка, беше започната нова размена со училишта од реонот Нормандија, Република Франција, но овој пат од градот Кутонс. Досега се остварени четири размени на ученици со училиштата „Ла Рокел“ и „Тома Песке“, размени кои резултираа со изработка на неколку скулптури, кои како дел од оваа соработка на нашите ученици, се подарени на Музејот на Француските воени гробишта во Битола и овие скулптури се дел од постојаната изложба на овој музеј. Оваа размена е поддржана и од Францускиот институт во Скопје, како и од Француската амбасада во нашата земја. Подршка ни дава и Француската алијанса од Битола и Општината Битола. Интересот на нашите ученици за оваа размена, па досега во неа беа вклучени над 120 ученици, кои беа во можност да пречакаат ученици од Франција во своите домови, но и да имаат можност да патуваат во Франција и да ги прошират своите знаења и погледи. Во оваа размена вклучени се голем број на професори, Гергана Гелевска, Марина Гугучевска, Мите Ристов, Фанија Наумовска, Мирјана Лозановска и Елена Трпезановска.
Во соработка со Француската алијанса од Битола, во периодот од 2015 до 2019 година беа организирани пет Летни кампови, чија цел беше да се наградат најдобрите ученици во секоја генерација од втора година, да им се овозможи преку едно заедничко шатување во неколку европски градови и држави, да учат за европските вредности, европската култура и традиција. Преку пишување на есеи и патеписи, ги подобруваат знаењата од странски јазици, а го зголемуваат знаењето и практично ги применуваат своите знаења.
СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ и понатаму се труди да обезабеди можности, нашите ученици да бидат дел од меѓународни размени и активности, кои ја зголемуваат можноста за примена на она што е научено во училиштето, но и да даде и поттик за поголемо залагање на учениците. Овие размени го зголемуваат интересот на учениците за запишување во нашето училиште, а исто така го подобруваат квалитетот на наставниот процес. За следниот период, односно времето по пандемијата, веќе се договорени две размени за учебната 20121/2022 година и тоа со средното стручно училиште „Томас Песке“ од Кутонс, Република Франција и со Колеџот „Свети Михаил“ од градот Фрибург, Швајцарија.