Теренски истражувања
Во рамките на наставата по географија за трета година, се реализираат теренски истражувања преку кои се постигнуваат следниве цели:
- Оспособување на учениците за истражувачка работа на терен;
- Запознавање на учениците со непознати простори на Р.Македонија;
- Проширување на стекнатите знаења и стекнување на нови знаења;
- Зголемување на другарството меѓу учениците, но и меѓу учениците и професорите;
- Документирање на резултатите од теренската настава преку изработка на видео материјал и веб страница.
Едно од најуспешните истражувања се одржа во селото Цер (Горен Демир Хисар). Во теренската настава учествуваа учениците од III-2 и III-3 клас при Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола, под менторство на професорот по географија Мите Ристов, а во улога на набљудувачи присуствуваа тогашниот педагогот на училиштето Милица Роџевска и советникот по географија од Бирото за развој на образованието д-р Никола В. Димитров.
Истражувачката работа во селото Цер се одвиваше по однапред испланирана динамика. Сите ученици беа поделени во неколку групи и секоја група имаше одредена активност која претходно беше утврдена.
- Одредување на географската положба и карактеристиките на просторот околу селото Цер и изработка на план од селото
- Цркви, празнувања и обичаи во селото Цер
- Историја на селото Цер
- Карактеристики на населението во селото Цер во минатото и денес
- Квалитетот на животната средина во село Цер
- Акетирање на населението во Цер (занимање на населението и инфраструктурата во селото)
- Цртање на специфична архитектура во селото
- Снимање на документарен филм за теренската настава
Откако секоја група заврши со своето истражување беше направена презентација на сработеното, при што, секоја група беше снимена со камера.
Во периодот после истражувањето учениците изработија ВЕБ страница за изведената теренска настава, во која преку текст, слики и видео се претставени убавите спомени на учениците. Исто така, беше изработен и краток документарен филм кој промотивно беше прикажан на ТЕРА телевизија.
Моменти од истражувањето и повеќе информации за теренското истражување може да добиете на ВЕБ страницата: http://selo-cer.webs.com