01.04.2011 - 10.04.2011

Втората размена на ученици со средно стручно училиште „Жан Мармоз од градот Вир во Нормандија, Република Франција, се случи во пролетта 2011 година. Во периодот од 01 до 10 април 2011 година, група од 16 ученици од нашето училиште, придружувани од професорите по историја Иљо Трајковски и географија Мите Ристов, беа гости во Нормандија. Во извонредна атмосфера и топол прием од колегите од Вир, помина посетата на Франција, а покрај разгледувањето на училиштето и на градот Вир, нашите ученици присуствуваа и на отворањето на изложбата за теренските истражувања на колегите и учениците од претходната размена, во библиотеката и медиатеката на градот. Присутни беа директори на други училишта и претставници на јавниот живот. Голема чест и задоволство беше да се разгледа оваа изложба, која зборуваше за еден период од македонската историја, историјата на градот Битола и врските со Франција. Гостин на ова патување беше и г-нот Костадин Поповски, командир на противпожарната едеиница на Битола, кој многу ни помогна во теренските истражувања на просторот на Мариово, а со своето знаење и искуство даде особен придонес во успехот на овие училишни размени, а исто така се грижеше и за безбедноста на учениците за време на теренската настава.

Ова патување беше заокружено и со посета на културните знаменитости на градот Париз, престолнината на Франција, како и на градовите Салцбург во Австрија и Минхен во Германија.

Учениците од нашата гимназија со голем успех го претставуваа нашето училиште, ја презентираа историјата, културата и традицијата на Македонија и нашиот град и покажаа дека овие размени ги мотивираат да работат многу повеќе, да го користат францускиот јазик.