28.09.2016 - 09.10.2016

Крајниот дел од шест годишната размена со средното стручно училиште „Жан Мармоз“ од Вир, регионот Нормандија во република Франција, беше патувањето на дваесет ученици од нашата гимназија во есента 2016 година, во периодот од 28 септември до 09 октомври. Учениците на оваа размена беа придружувани од професорите Жанета Наумовска, Гергана Гелевска и Иљо Трајковски.

Во овој период, за нашите ученици беа организирани голем број на посети на археолошки локалитети од римскиот период, потоа посета на ‘Memorial Du Caen”, најголемиот музеј посветен на Втората светска војна во Европа, како и на плажите каде се истоварија сојузничките војски во Втората светска војна. Беше посетен и островот Монт Сент Мишел, место кое останува во трајно сеќавање на секој кој го посетил.

За учениците од двете училишта беше организиран и прием од градоначалникот на градот Вир во градското собрание, каде нашите ученици ја претставија Македонија и градот Битола.

Соработката со училиштето „Жан Мармоз“ од Вир, Нормандија донесе големи придобивки за нашите ученици и професори, кои имаа можност да истражуваат, да се посветат на теренска работа, да презентираат за својата историја, култура и традиција. Голема благодарност до нашите колеги од франција, кои покажаа голема гостопримливост и искрена желба за соработка.