Од Горната до Харвард...
Јуни 2017 година, само што завршив основно образование во ОУ „Даме Груев“ како ученик на генерација, следуваше ново искуство – прв пат требаше да бидам дел од националниот тим за една олимпијада, Јуниорската Балканска математичка олимпијада во Варна, Бугарија. Каква неопишлива среќа беше првиот медал на меѓународно ниво, но кој мислеше дека тоа ќе биде само почеток…Како што наближуваше крајот на летото, доаѓаа и два уште поголеми непознати предизвици – почетокот на една убава приказна која се викаше Горна Гимназија и селекциониот натпревар за Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки кој за прв пат се одржуваше во нашата држава. Неколку дена пред долгоочекуваниот први септември, првата од двете мисии мина успешно и тоа како натпреварувач со најмногу освоени бодови на натпреварот, а за радоста да биде уште поголема имаше уште еден битолчанец (нашиот Сајков) кој заедно со мене стана дел од шесточлениот тим кој за прв пат требаше да ја претставува Македонија на оваа олимпијада. Скопјаните како наши најголеми ривали се прашуваа како овие деца кои се запишале во битолската гимназија (а не во некое приватно училиште) успеале да им го земат нивното место во тимот. Одговорот е јасен – со многу посветеност, труд и работа, но и со силниот наш битолски чкембарски инает и желба за докажување. На сите тие натпревари барем јас гледав како на она вечно дерби меѓу Пелистер и Вардар. Колку и да е различен спортот од природните науки, жарта е иста, па секогаш кога повеќе битолчани беа во првите на листата, ќефот беше уште поголем.
Неколку дена подоцна, дојде денот којшто секој од мојата генерација нестрпливо го очекуваше – денот кој носеше многу нови познанства, денот кога најголемиот страв беше да не се сопниш со новите патики на прочуените лизгави скали кои водеа до новата училница пред целата толпа од љубопитни очи кои очекуваа да биде извикано нивното име, но и денот кој значеше почеток на еден огромен предизвик (поголем од сите претходни) бидејќи неколку години претходно си слушал низ град дека „Горната знае да биде Пекол“ и „нема лабаво пишење на петки“. Сѐ уште се сеќавам на тој прв ден. Во новата училница со клупите за кои ти раскажувале родителите, запознав речиси 30 нови деца со кои сум имала незаборавни искуства (со Тамара, Никола и мајка му се знаевме претходно – бевме дел од тие пелистерски играчи кои редовно пишуваа приговори за некој поен плус). Но, првиот ден брзо помина, а пред мене две планини – добивање на поволни оцени и подготвување за меѓународната олимпијада.
Стигна и распоредот за подговотки за ПМФ, а ти треба да ги известиш сите дека ќе бидеш отсутен секој петок и по некој четврток. Можам да кажам дека тоа беа можеби најмачните три месеци. И покрај огромната поддршка од сите – особено од другарите, класната и професорите Б.Маслинко и В.Алачева, тешко се стигаше да се совлада сѐ. Но на крајот на денот, знаев во каква авантура се впуштам. Секој викенд станување пред 5 часот наутро за да го фатиш возот заедно со Сајков и потоа да слушаш 8 часа предавања од факултетски професори. Тамара како по правило потоа секоја недела ќе ми сликаше од пропуштениот материјал, и беше дел од многуте луѓе заслужни за мојот успех. Беше оформен еден цел систем кој соработуваше и помагаше. Но, понекогаш и баш тебе ќе те фатат после тој викенд неспремен на час и ќе дојде до израз тоа реноме на Горната и првата двојка по откога паметам за мене најтешкиот предмет – македонски. Но, и овие искуства од тие во средно три најтешки месеци се големо богатство – те учат и те подготвуваат за многу големи работи во животот.
Во Холандија, ново изненадување – нов медал, можеби најважниот и најголем кој сум го освоила. Честитките од цел клас, од сите професори не застануваа, и тогаш знаеш дека сум постигнала нешто битно, големо. Сум остварила еден сон од детството. Наредната година, следуваа уште два такви успеси во Грција и Боцвана, но овој беше најслаткиот. Натпреварите ми беа речиси секојдневие. Тие беа едни битки кои ме научија на многу работи битни во животот – упорност, навика за работа, концентрација, одлучност… Но, тоа беа на моменти и битки со самиот себе – да се туркаш колку што можеш за да го достигнеш врвот, да го дадеш максимумот, дури и кога ти се чини дека не можеш да одиш понатаму и сакаш да се откажиш. Учиш дека за тебе нема преголем залак, дека ако го разделиш на мали делчиња и сите ги изедиш едно по едно, на крајот тие ќе се склопат.
Но, покрај натпреварите во Горната сум имала други искуства, кои јас лично ги сметам за едно многу поголемо богатство кое не можев да го добијам на ниедно друго место. Таа средина од ученици била, е и ќе биде незаменлива во регионот – секој со свои цели и идеи, желби и интереси, мечти и соништа, од бизнисмени и менаџери до голмани и музичари. Тој спој тешко дека некој ќе го најде на друго место во земјава, а верувајте многу придонесува за личниот развој на секој еден ученик.
Преку Горната, можев да се вклучам во размена на ученици и да прошетам и дел од светот, искуство кое е непроценливо за секој млад човек. Како одличен ученик, ја имав можноста не само да прошетам голем дел од Европа и речиси цела Франција со професорот Иле, туку и да одам до другиот крај на светот на две недели во егзотичниот остров на ајкулите Реунион (во близина на оној регион од омилените цртани од детството на Мадагаскар). Со овие патувања го вежбав и францускиот јазик, но се здобив и со многу други знаења. Имав можност да се запознаам со нова култура и обичаи, да посетам некои светски познати места и споменици, но и уште повеќе да ги задлабочам пријателствата со другарите, а да направам и некои нови кои траат и до ден денес.
Во втора година, покрај овие постандардни екскурзии, решив да одам и на едни научни семинари како дел од научно-истражувачкиот центар „Петница“ во Србија. За апликацијата требаа препораки, но без никаков проблем се заврши тоа, и кога отидов таму бев најсреќното дете на Земјата. Ново искуство со деца кои имаат исти интереси како тебе, и кои исто колку тебе се желни да научат некои нови непознати работи. Но, овојпат не за оцена или некоја диплома, туку лично за себе и својот академски развој. Тоа знаење ти го пренесуваат луѓе од целиот свет, меѓу кои и студенти од Оксфорд и Париската Висока школа, професори од разни факултети кои работеле на врвни истражувања. И ако вистина те интересира областа… не можеш да не леташ од среќа.
Неизоставен дел од Горната отсекогаш биле и музиката и спортот. А, јас како голем љубител и на двете, не ја пропуштав приликата да свирам на концертите веднаш штом ми купија и се научив да свирам на сет тапани (кои за жал ги немаше во нижото музичко училиште), но и да одам на натпреварите по скијање и секциите за кошарка со еден од оние најстроги, но и најпочитувани професори по спорт, кој за многумина беше страв и трепет, и го носеше во себе оној авторитет од Горната.
И така, после сите овие убави искуства дојде оваа толку непосакувана пандемија и скрати голем дел од задоволствата. Но, за мене тоа беше периодот да се подготвам за една нова бела страна и да ги започнам апликациите за факултет во странство. Кратко патување, кое колку и да звучи едноставно, е за нас многу непознато и ти се чини трае со векови. Тоа патување започна пролетта минатата година со многу прашања што и ако, со многу непреспиени ноќи размислувајќи како на лист хартија да ги преточиш твоите четири години поминати во средно. Како крајните рокови наближуваа, така обврските се зголемуваа – бројни препораки, испити, есеи, интервјуа, поврзувања со поранешни студенти… Многу факултети доаѓаа во предвид, па и најдобрите и најпознатите. Размислуваш дали да им кажеш и на другите дека си аплицирал таму, бидејќи знаеш кој ќе биде одговорот на другарите – сигурно ќе влезеш, и притисокот расте… Но, на крајот на денот за овие работи не се слушаат другите, оти свесен си дека сѐ зависи од самиот тебе. Ги праќаш апликациите, и колку што едвај чекаш да дојде тој 6ти април и сѐ да заврши, толку и длабоко во тебе те копка дали навистина сакаш да дојде. Вечерта пред денот размислуваш дали воопшто треба да отвориш да го видиш писмото, бидејќи можеби си и луд што сѐ уште имаш некаква надеж. Знаеш дека не треба да леташ високо, бидејќи потоа неуспехот е многу потежок да се поднеси, па затоа се помируваш со него и надежта ја закопуваш длабоко во себе. Но, доаѓа часот и го отвараш и не ти се верува дека си влегол на Харвард, се остварува сонот за кој потајно во себе си копнеел од детството. И ова сега веќе е почеток на една нова авантура за која во иднина можеби би раскажала пак, но успехот е уште поголем што е постигнат од овој мал објект, со големо срце – Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Градот на конзулите од која излегле врвни академици и амбасадори на нашата држава низ целиот свет. Се надевам дека и јас ќе станам еден од нив.
За крај, би сакала да им порачам на сите кои го читаат ова – не плашете се да сонувате и не откажувајте се од соништата, само тогаш ќе стигнете до врвот! А, до учениците од пониските класови, верувајте дека секој од вас може да стигне онаму каде што посакал, потребна е само желба, труд, мотивација и одлучност!