23.04.2012 - 01.05.2012

Една година по посетата на шеснаесетте наши ученици на Нормандија, во пролетта 2011 година, нивните врсници од средното стручно училиште „Жан Мармоз“ од градот Вир, Република Франција, во периодот од 23 април до 01 мај 2012 година, беа гости во домовите на учениците од гимназијата и се дружеа една недела во нашиот град и нашата земја.

Како и при нивната посета во 2010 година, така и сега беше организирана богата програма за претставување на културата, историјата и традицијата на Битола и Македонија, а исто така беше повторно организирано тридневно аматерско археолошко истражување, во кое активно учествуваа учениците од двете училишта и нивните наставници. Се истражуваше на просторот на селата Бач, Брод и Скочивир, села кои во текот на Првата светска војна беа на првите линии на фронтот. Ова истражување придонесе многу од нашите ученици да ја запознаат историјата на овој регион и да се заинтересираат за настаните од пред околу 100 години.

Како резултат од ова истрашување подоцна е издадена и публикација, која го опишува две годишното теренско истражување, резултатаите од тоа истражување и значењето на овие истражувања. Оваа публикација, која е издадена заедно од двете училишта, беше поддржана финансиски од Министерството за одбрана на Република Франција, Владата на Регионот Нормандија и од градот Вир.

Оваа размена обилуваше и со дружење, беа посетени Националниот парк Пелистер, Охрид, а најголем впечаток на гостите им остави заедничкиот првомајски излет со сите учесници на оваа размена.