Изложба - 100 години од Првата светска војна
По повод прославата на големиот јубилеј – 100 години од крајот на Првата светска војна, Асоцијацијата на наставници по историја на Република Македонија – АНИМ, со поддршка на Министерството за култура, изработи изложба која се состоеше од девет панели. На еден многу илустративен и многу модерен начин, членовите на АНИМ ги претставија настаните од пред еден век, кои се случуваа на оваа територија и кои покрај судбината на завојуваните војски, ги претставуваа и секојдневниот живот, страдањата и жртвите на локалното население кое живеело на линијата на фронтот. Оваа изложба во текот на 2018 и првата половина на 2019 година, беше поставена во повеќе од 30 градови во Македонија.
Во разговор со Претседателството на АНИМ, беше предложено изложбата да се отвори во Битола, градот кој најмногу настрада во Првата светска војна, а презентацијата на панелите и историскиот наратив да му се даде на ученици од нашата гимназија. Оваа идеја беше имплементирана и во сите други градови каде оваа изложба беше поставена.
Дваест ученици од нашата гимназија учествуваа во презентирањето на изложбата, а поради присуството на отворањето на изложбата на голем број на дипломати во нашата земја и во нашиот град, презентацијата беше организирана на четири јазици, македонски, англиски, француски и германски јазик. Учеството и активната презентација, беа голем поттик за нашите ученици, кои дадоа голем допринос за успехот на изложбата.