Интерактивна настава

Креирањето на умствени карти од страна на учениците има голема примена, особено во осознавањето на урбаната географија и планирањето на просторот. Со примена на оваа техника на часовите, учениците креираат имагинарни населби и врз база на објектите во просторот ги опишуваат сите карактеристики на таа населба. На тој начин можат од близу да се запознаат со процесот на планирање на просторот, проблемите и карактеристиките на одредена урбана зона. Најпозитивна придобивка од одржаниот час е развивањето на логичкото и критичкото мислење на учениците.

Новите наставни содржини од лекцијата “Геолошки состав на Земјата” учениците ги совладуваат преку запознавање со позначајните претставници на секоја група на карпи. По наведените основни карактеристики на секоја група на карпи, учениците преку работа во групи, имаат за задача, според изгледот и претходно наведените карактеристики на одредени карпи, да ги групираат истите во соодветната група на: седиментни, магматски или метаморфни карпи.

Во рамките на темата “Претставување на Земјината површина на карта”, учениците од прва година ги утврдуваат своите знаења преку работа со топографски карти.

За таа цел, учениците имаа за задача да изработат профил на одреден простор од топографската карта. Работат во парови и секој пар има топографска карта и работно ливче со точни инструкции за работа.