18.04.2016 - 25.04.2016
Последната размена на ученици помеѓу гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола и средното стручно училиште „Жан Мармоз“ од градот Вир во регионот Нормандија, Република Франција, се случи во 2016 година.
Во перодот од 18 до 25 април, во домовите на нашите ученици, гости беа нивните врсници од Франција и дружењето и забавата започна уште од првиот ден. Како и при минатите посети, така и за време на оваа посета беше организирано теренско аматерско археолошко истражување на остатоците од фронтовата линија на Македонскиот фронт. Оваа година истражувањето беше насочено кон селата Рапеш и Маково, а учениците правеа мапирање на рововите и на бункерите на двете завојувани страни, а разговараа и со локалното население за усната историја и меморија, поврзани со времето на Првата светска војна.
Секако дека секоја ваква размена се користи и за презентација на културното наслетсво на нашата земја, традицијата и историјата на нашиот народ. Беа посетени повеќе историски и верски објекти во Битола, а еден ден беше организирана и посета на градот Охрид и неговата околина.
Оваа посета остави длабоки спомени кај учениците, но за жал тоа беше и последната посета на ученици од ова училиште во Нормандија, а со тоа заврши и шест годишната успешна соработка, која допринесе многу за мотивацијата на учениците од гимназијата, за нивното образование и создавањето на нови можности. Неколку од учениците кои беа дел од овие размени, поттикнати од она што го согледаа, го продолжија своето образование на некој од универзитетите во Франција.